ФОТО+ВИДЕО| Новинарката Дуковска физички го нападна Делчев, синдикалниот лидер на полицијата

За време на денешната изјава за медиуми на претседателот на Независниот синдикат на полицијата Гоце Делчев, новинарската Александра Дуковска физички го нападна синдикалниот лидер и полесно го повреди. Дуковска го напаѓа и удира Делчев викајќи – „зошто ме следиш, кој си ти“.

Инцидент се случи денеска на пресот на Независниот синдикат на полицијата, кога жена која веќе подолго време непречено се претставува како новинар физички го нападна првиот синдикалец Гоце Делчев Тодев, објави телевизија 24.

Александра Дуковска го сврте вниманието на јавноста кога предизвика инцидент на прес конференцијата на министерот Крешник Бектеши, а истата е и приведена во минатото за време на упадот во Собранието.

„Додека во цел свет новинарите се тие кои се напаѓани, во Македонија, агресивнa новинаркa го нападна претседателот на Независниот синдикат на полицијата. Го губи ли некој трпението и со физички напад се обидува да го заплашат независното синдикално постоење“, објави Делчев на својот фејсбук-профил.

Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија порачаа дека треба да има нулта толеранција за секаков вид на насилство. „По повод денешниот инцидент во рамки на настанот на полициските синдикати ЗНМ заедно со ССНМ остро го осудуваат секој вид на насилство од која страна и да доаѓа. Повикуваме на смиреност на страстите, јавноста ја замолуваме да се воздржи од коментари и реакции и бараме проблемот да се реши институционално“.

Неодамна Дуковска во Владата на конференција за медиумите на министерот за економија Крешник Бектеши влезе во вербална расправија со министерот за употребата на официјалното име на Македонија. И тогаш и денеска остана нејасно за која редакција работи Дуковска, дали е слободен новинар или само член на ЗНМ.