ФОТО| Во Австралија се врши ексхумација за „најмистериозниот случај“ во историјата

Австралиската полиција започна ексхумацијата во рамките на обидите за конечно разрешување на „најмистериозниот случај“ во историјата на земјата, односно убиството на „непознато лица“ чиј идентитет не е откриен во изминатите 70 години, објави телевизиската мрежа ABC.

Телото на непознатото лице било пронајдено на 1-ви декември 1948 година на плажа во австралискиот град Сомертон. Повеќе од седум децении ниту полицијата, ниту иследниците не успеаја да го утврдат идентитетот на починатиот, како и причините за неговата смрт.

Теориите за тоа кој би можел да биде мртовецот се движат од шпион во времето на Студената војна до изневерен љубовник, а како причина за смртта се смета труење. На местото на кое се погребани неговите останки стои плоча со натписот „Тука почива непознат човек, најден на плажата Сомертон на 1-ви декември 1948 година“.

Според информациите на телевизијата ABC, по неколкучасовната работа на ексхумацијата, полицијата успеала да ги најде останките од скелетот на непознатото лице. Се верува дека сега ќе биде можно да се состави ДНК профилот на непознатиот, што ќе помогне да се утврди неговиот идентитет и, евентуално, да се најдат неговите роднини или потомци.

Меѓутоа, во прилогот на телевизијата се забележува дека нема да биде толку лесно од останките да се извлече ДНК, бидејќи пред погребот телото било третирано и балсамирано со формалдехид, што може да уништи значителен дел од ДНК-та.

Претходно полицијата на австралиската сојузна држава Јужна Австралија го објави налогот од јавниот обвинител за изведување на ексхумацијата на телото поради „голем општествен интерес“.

Како што забележува ABC, меѓу „загатките“ од овој случај се и облеката и работите на непознатиот од кои биле отстранети сите ознаки, како и фрагмент со извадок од песната на Омар Хајам „Тамам шуд“, што се преведува како „Сѐ е готово“.

Исто така, во истрагата било пронајдено парче хартија на коешто бил испишан телефонски број и ред букви коишто се чинеле како шифра. Токму овој доказ довел до верзијата дека „мртовецот од Сомертон“ можеби бил шпион во времето кога светот се движеше по работ на нов идеолошки блоковски глобален судир. Сепак, досега сите обиди за дешифрирање на наводниот код не успеаја.