
Во бурните дождови во Калифорнија загинаа 17 лица, едно петгодишно дете се води за исчезнато а властите наредија евакуација на многу области, пренесоа во средата агенциите.
Поројните дождови во последните два дена паѓаа врз заситената со вода почва и предизвикаа големи поплави, оштетивања на патишта, излевање на потоците и реки и прекин на сообраќајот и снабдувањето со електрична енергија, а на места автомобили биле однесени од порои.
Бројот на жртвите од невремето во последните седмици се искачи на 17, а тоа е повеќе човечки животи отколку што одзедоа пожарите во последните две години, соопшти кабинетот на гувернерот Гевин Њусом. Најмалку 34.000 луѓе беа замолени да ги напуштат своите домови.
„Нашето страдање не е завршено. Очекуваме невремето да продолжи до 18-ти јануари. Досега е потврдена смртта на 17 лица“, рече гувернерот на прес-конференција но предупреди дека бројот на жртвите може да биде поголем.
Во гратчето Пасо Роблс, на половина пат меѓу Лос Анџелес и Сан Франциско, петгодишно момче во понеделникот било однесено од вода и се води како исчезнато, објави шерифот на округот. Поплавата го заробила автомобилот во кој бил со мајка му, која ја извлекол сосед. Властите мораа да ја прекинат потрагата во понеделникот поради невремето.
Во Бејкерсфилд двајца возачи загинаа кога дрво паднало на коловозот објави The Los Angeles Times.
Во вторникот, околу 110.000 домаќинства и бизниси останаа без струја, според веб-страницата PowerOutage.
Националната метеоролошка служба (NWS) соопшти дека по краткaта пауза во вторникот навечер, ново невреме ќе ја погоди Калифорнија со дожд до 18 сантиметри на северот на оваа американска држава.
Калифорнија беше погодена од бура позната како метеоролошки феномен „атмосферска река“ – огромна струја на густа влага во воздухот што доаѓа од океанот, феномен што не е забележан од 2005 година, според NWS.
Северно од Лос Анџелес, во близина на Санта Барбара, крајбрежната општина Монтесито, дом на многу ѕвезди и познати личности, вклучително и принцот Хари и Меган Маркл, на жителите им беше наредено да се евакуираат во понеделникот.
Таа населба, каде што актерката Џенифер Анистон и телевизиската водителката Опра Винфри имаат луксузни вили, всушност е микрокосмос на крајностите на кои е изложена Калифорнија, која трпеше децении суша.
Пред пет години огромен пожар ги зафати планините околу Монтесито а резултатот од уништената вегетација се сегашните свлечишта. Во јануари 2018 година, 23 лица загинаа во одрони од кал предизвикани од дождовите. Во понеделникот, телевизиската водителка Елен Деџенерис, која исто така живее во Монтесито, објави видео на Twitter снимки од свлечиштето.
Евакуација беше наредена и во други региони, како што е округот Санта Круз во близина на Сан Франциско.
Иако е тешко да се воспостави директна врскамеѓу низата од овие бури и климатските промени, научниците редовно објаснуваат дека затоплувањето на планетата ја зголемува зачестеноста и интензитетот на екстремните временски настани.
Минатонеделното невреме веќе им ја прекина струјата на илјадници жители, предизвика големи поплави и лизгање на земјиштето, само неколку дена по поројниот дожд на самата Нова година.
Сепак, тие исклучителни дождови нема да бидат доволни за да се наполнат резервите на вода во Калифорнија, бидејќи ќе бидат потребни неколку зими со исклучително високи количества дожд, велат експертите.