ФОТО| Војската на Србија подготвува голема демонстрација на способноста и вооружувањето

На воениот аеродром Батајница во тек се последните подготовки за долго најавуваната голема демонстрација на способноста, вооружувањето и опремата на Војската на Србија под називот „Гранит 2023“, на којашто во саботата се очекува да учествуваат околу 5.000 војници и офицери од сите родови.

Српското Министерство за одбрана ја најави оваа манифестација како централен настан во одбележувањето на Денот на Војската на Србија, во текот на кој ќе бидат изложени повеќе од 2.300 борбени возила, тенкови, артилериски оружја и ракетно вооружување, борбени летала, дронови, како и оклопни возила од домашната воена индустрија.

На парадата на единиците, во која се вклучени и специјалците од 63-та падобранска и 72-та бригада за специјални операции, ќе биде и Одредот за специјални намени „Кобри“, чиишто припадници се во обезбедувањето на српскиот претседател и највисоките државни функционери. Сите единици во дефилето ќе бидат опремени со најсовремено вооружување и воена опрема со којашто во моментов располагаат вооружените сили на Србија.

Најавени се и прелети на борбените хеликоптери „Ми-35“, борбените авиони „МиГ-29“ и другите летала од составот на Военото воздухопловство. На едно место ќе бидат прикажан најголем број воени летала уште од времето на некогашната ЈНА, пишува Вечерње новости. Летачката програма е поделена во два дела – претпладневен и попладневен, а централниот дел од дефилето е закажан за 11 часот и е предвидено да трае околу еден час.

Покрај опремата, вооружувањето и оклопните транспортери и борбени возила од домашната воена индустрија „Лазар“ и „Милош“, самоодните хаубици „Нора Б-52“, ќе биде прикажано и вооружување и опрема од странско производство кои ги има српската војска во својот состав, како американските оклопни возила „Hummer“ и „BearCat“, кинескиот ракетен систем за противвоздушна одбрана „FK-3“ и рускиот „Панцир“.

Се очекува дека парадата во живо ќе го следат илјадници граѓани, бидејќи влезот на воениот аеродром „Полковник пилот Миленко Павловиќ“ во Батајница ќе биде отворен уште во 9 часот во саботата, а најавени е директен телевизиски пренос.