Во планинска туристичка дестинација во Виетнам во саботата е свечено отворен пешачки мост со стаклена патека на 150 метри височина, долг 632 метри, еден од најдолгите од таков вид на светот.
Висечкиот мост Бач Лонг што во превод значи „Бел змеј“, се наоѓа во провинцијата Сон Ла, северозападно од главниот град Ханој близу границата со Лаос.
Според Гинисовата книга на рекордите, најдолгиот стаклен мост на светот се наоѓа во Гуангдонг во Кина и оваа структура е долга 526 метри. Но Здружението на светските рекорди (The World Record Association), организација којашто исто така ги потврдува рекордите, на својата интернет страница објави дека дводелниот виетнамски мост со своите 632 метри е најдолгата стаклена структура од вој вид во светот.
Неговата специфичност се состои во тоа што должината меѓу двата врва од двете страни на клисурата изнесува 290 метри, а на стрмните падини се дополнителни 342 метри од патеката.
„Инженерскиот проект бараше дел од мостот да биде поставен на стрмнините за да се заштити природата, дрвјата и карпите, ова беше неверојатен проект“, вело Глен Полард, претставник на Гинисовата книга на рекордите, кој присуствувал на церемонијата.
Зајакнатото стакло употребено за изградба на мостот има три слоеви, секој со дебелина од 40 милиметри, а на мостот истовремено може да се наоѓаат 450 луѓе, според инвеститорот.
Ова е третиот стаклен мост кој последните години е изграден на југоистокот на Виетнам. Округот Мок Чау, околу 200 километри западно од Ханој, со неговите пространи планински висорамнини, борови шуми, пештери, слапови, езера и ридести плантажи на чај е најпопуларната туристичка дестинација во Виетнам.