(ФОТО) Заврши „Европската фудбалска недела“ на Специјална олимпијада Македонија

На фудбалскиот терен на Ф.К. Работнички во Скопје во присуство на повеќе од 70 атлети и 50 тренери, волонтери и членови на семејствата од Скопје и Тетово, вчера, 26.09.2019 заврши одбележувањето на 20 – тата Европска фудбалска недела на Специјална олимпијада Македонија, која годинава се одржа во рамки на Европската недела на спорт.

Европската фудбалска недела 2020 е иницијатива на Специјална олимпијада, која традиционално се одржува во мај, но оваа година како последица на пандемијата е поместена за септември. Но, бидејќи годинава сé е поинакво од вообичаено, глобалните настани добија и нова димензија, оние што се одржуваат во живо добија намален формат, а другите беа префрлени онјалн во форма на кампања #FacesofFootbal, пионерска дигитална платформа за фудбалерите со и без интелектуална попреченост низ Европа, нивните тренери и поддржувачи.

Специјална олимпијада Македонија, годинава одлучи да се придружи во одбележувањето на Европската фудбалска недела на двата начина, со физичко присуство и онлајн.

„Изолацијата која ја искусивме за време на карантинските денови, за лицата со интелектуална попреченост е секојдневие. Рестрикциите придонесоа да се засили чувството на маргинализација кај овие лица. Имајќи го на ум значењето на средбата во живо за лицата со интелектуална попреченост, одлучивме Европска фудбалска недела првенствено да биде со настан во живо, почитувајќи ги сите протоколи кои беа посочени од Комисијата за заразни болести, а потоа искуството со фудбал на го префрлиме на дигиталната платформа – вели Драган Караџовски, национален директор на Специјална олимпијада Македонија.

Неодамнешното истражување кое го направи Специјална олимпијада покажува дека лицата со интелектуална попреченост низ Европа се соочуваат со неопходност од основни потреби: 20% од атлетите немаат доволно храна, 15 % немаат безбедно место за живеење, 35 % од атлетите на училишна возраст немаат пристап до образование или учење на далечина. Во меѓувреме 75% од атлетите низ Европа се чувствуваат многу повеќе изолирани за време на пандемијата од Ковид 19, од вообичаеното.

„Предизвиците со кои се соочуваат нашите атлети, нас не мотивираат активностите кои ги преземаме да ја подобрат целокупната нивна состојба, а преку спортските активности да го одржиме нивниот дух“ – продолжува Караџоски.

Европската фудбалска недела годинава се одржа во рамки на Европската недела на спорт организирана од Агенцијата за млади и спорт кои дадоа безрезервна поддршка во нејзината реализација. Амбасадорот на Европската недела на спорт, Жарко Батиќ беше задолжен за загревање на атлетите, пред официјално да започнат со фудбалските вежби на четирите полигони.

Реализацијата на активностите на Специјална олимпијада Макеоднија е поддржана со институционален грант на Цивика Мобилитас.

Специјална олимпијада Македoнија во земјава е формирана во 2003 година под акредитација на Специјална олимпијада, која е основана од Јунис Кенеди Шрајвер во 1968 година и денес брои 6 милиони атлети и јунифајд партнери во 190 земји ширум светот. Под мотото „Дозволи ми да победам, а ако не можам, дозволи ми да бидам храбар во обидот“ организацијата во земјата ја остварува својата мисија, а тоа е да овозможи спортски натпревари и тренинзи во различни олимписки спортови за деца и возрасни со интелектуална попреченост, давајќи им постојани можности да ја развијат физичката кондиција, да покажат храброст, искусат радост и да учествуваат во споделување на вештини, знаења и пријателства со нивните семејства и останатите атлети на Специјална олимпијада и заедницата.