ФОТО| Здравствените работници во Грција протестираа против задолжителната вакцинација

Под слоганите „Здравството штрајкува“; „Не за задолжителната вакцинација“; „Не за отпуштања и принуден одмор“; „Пари за болниците“ грчката Федерација на вработени во државните болници одржаа протест пред Министерството за здравство на Грција и во центарот на Атина за да го изразат нивното незадоволство за задолжителната вакцинација на здравствените работници, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Федерацијата истакнуваат дека не се против вакцинацијата, туку не се согласуваат со мерката на грчката Влада што од 1 септември стапува во сила за задолжителна вакцинација на здравствените работници, а во спротивно предвиден е принуден, неплатен одмор.

Претседателот на Федерацијата Михалис Јанакос вели дека 90 отсто од вработените во болниците имаат имунитет и сите ги почитуваат мерките без разлика дали се вакцинирани или не.

-Решени сме на секој начин и судски, да ги поддржиме нашите невакцинирани колеги. Станува збор за мал процент, кои 18-19 месеци се во првите борбени редови на Ковид клиниките, никогаш не се заразија, се грижеа за пациентите и сега ги фрлаат на улица без едно евро плата. Не сме ние виновни за лошата епидемиолошка состојба во земјата, истакна Јанакос.

Демонстрантите се собраа пред Министерството за здравство, продолжија по улиците низ Атина во обид да стигнат до премиерската палата и да побараат средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, но беа спречени од полицијата.

Протестот заврши мирно и беше во рамките на петчасовниот прекин на работата организиран од Федерацијата, од каде што најавија собири и во следниот период.

Паралелно, како што вчера објави МИА, со одлука на министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас и алтернативниот министер Василис Кондозаманис од 1 септември се отповикуваат сите редовни годишни одмори на сите вработени во болниците, брзата помош, Националната организација за јавно здравје, како и во јавните установи за примарна здравствена заштита.

Дополнително, загриженост во Грција предизвикува процентот на заразени од направени тестови во 11 грчки региони, каде што е над четири отсто.

Според податоците од Националната организација за јавно здравје, во периодот од 16 до 22 август процентот на заразени од направени тестови највисок е на островот Наксос (7,7 отсто), потоа е островот Икариа со 6,9 проценти, а следат областа Илиа (6,51 отсто), островот Андрсо со 5,36 проценти, Кавала (4,89 отсто), областа Месинија каде што веќе се воведени мерки, островите Итаки и Миконос итн.

На ниво на целата држава за истиот период, од 626.108 направени тестови (ПЦР и рапид), позитивни биле 3.51 отсто.