Еврејската заедница во Република Северна Македонија вечер во 19 часот во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија ќе го одбележи Европскиот ден на еврејската култура со изложба „Сведоштва за битолските Евреи низ фотографското творештво на браќата Манаки“ од авторот Александар Манојловски.
Промотор на изложбата ќе биде Мишо Китановски, а воведна реч ќе има претседателката на Еврејската заедница, Берта Романо-Николиќ.
Манифестацијата се одржува во 34 европски земји, а Еврејската заедница во нашата земја ја одбележува по 14-ти пат. Секоја година темата е различна и ја поставува Европската асоцијација за зачувување и унапредување на еврејската култура и наследство.
-Оваа година ќе ја прославиме 20-годишнината од воспоставувањето на овој значаен настан, а нашата заедница годинава ќе го одбележи Европскиот ден со отворање на изложбата, соопшти организаторот.