Фотонапонската електроцентрала „Осломеј-1” годишно ќе произведува 15 гигават-часови електрична енергија

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски и директорот за енергетика во Европа од ЕБРД, Грегош Зеленски ја посетија фотонапонската електроцентрала „Осломеј- 1” од 10 мегавати во Кичево, чија изградба беше финансирана со поволна кредитна линија од ЕБРД и која е веќе функционална.

„Оваа фотонапонска електроцентрала значи брза, но праведна транзиција на производството на електрична енергија од загадлива енергија, производство на електрична енергија од јаглен, во обновливи извори на електрична енергија. „Осломеј-1“, фотонапонската централа е првиот пример во Југоисточна Европа за транзиција и изградба на фотонапонски централи на старите рудни наоѓалишта. „Осломеј-1“ е со планирано производство од 15 гигават-часови на годишно ниво и, истата после пробното функционирање, ќе биде ставена во редовна функција и во производство на електрична енергија. Како дел од зелената агенда имаме во план да се почнат постапките и за „Осломеј -2“ со инсталирана моќност, исто така, од 10 мегавати и фотонапонска електроцентрала „Битола-1” од 20 мегавати која ќе биде, исто така, на старите рудни наоѓалишта во околината на РЕК Битола“, рече директорот на ЕСМ Васко Ковачевски.

Според Ковачевски, овие три електрани кои ќе произведуваат електрична енергија од обновливи извори ќе бидат доволни за снабдување со електрична енергија на околу 10 000 домаќинства.

При посетата, директорот од ЕБРД, Грегош Зеленски порача дека е многу важна транзицијата на зелена енергија низ земјите од Европа, особено во земјите од западен Балкан кои се зависни од фосилни горива.

„Апсолутно задоволство е да се види завршената изградба на соларните панели. Ова е најдобар пример како ЕБРД во соработка со нашите бизнис партнери може да испорача транзиција на зелена енергија, во овој контекст ЕСМ може да смета на нашата континуирана поддршка“, изјави Зеленски.