Франција ја затвори својата амбасада во Нигер

Франција ја затвори својата амбасада во Нигер до дополнително известување, наведувајќи дека работата на нејзиниот дипломатски персонал станала практично невозможна откако војската ја презема власта во оваа западноафриканска земја пред пет месеци и дефинитивно стави крај на франциското присуство и влијание во Нигер.

Амбасадата е блокирана, персоналот е во прекин, а дипломатскиот персонал е спречен да патува за Нигер, објави во вторникот француското Министерство за надворешни работи. Амбасадата продолжува со работа од Париз, а конзуларните активности ги преземаат француските конзулати во регионот, се наведува.

Францускиот амбасадор го напушти Нигер уште во август, кога всушност беше протеран од земјата. Непосредно пред католички Божик, поранешната колонијална сила Франција, исто така, ги повлече своите трупи од Нигер.

Франција, којашто во Нигер имаше 1.500 војници од кои дел беа протерани од соседните Буркина Фасо и Мали, каде исто така беше изведен воен преврат со обвинување дека нема никакви резултати од нив во војната со исламистичките бунтовници во областа Сахел, од Нигер ги подмирува своите потреби од ураниум неопходен за функционирање на нејзината широка мрежа нуклеарни централи.

Пучистите го обвинуваат Париз и за неоколонијалистичко однесување и притоа велат дека во договор со администрацијата на соборениот претседателот Базум, Нигер добива минимални приходи од извозот на ураниум и други суровини со кои земјата е богата, поради што 26-милионската нација е меѓу најсирамашните во светот.

Пучистите, исто така, го обвинуваат Париз за одредени воени акции и настојувања за воена интервенција против нигериските безбедносни сили, како и дека ги поттикнуваат и поддржуваат џихадистичките групи блиски на Исламската држава и Ал Каеда кои го пустошат регионот на Сахел за да го оправдаат свето воено присуство во регионот.

Нигерскиот воен врв ја обвинува Франција и дека се обидува да го врати на власт својот соработник, како и дека Економската заедница на западноафриканските држави (ECOWAS) е „платеник“ на Франција која колонијално до пред шест децении го владееше тој регион.

Претседателската гарда го собори претседателот на Нигер, Мохамед Базум, со државен удар на крајот на јули. Генералот Абдурахаман Тиани, кој го суспендираше уставниот поредок, сега е на власт, иако Франција, како и другите западни и африкански земји, не ја признава новата влада. Сепак, САД и Германија се договорија со хунтата да ја продолжат воената соработка под посебни услови.

Нигер беше последната земја во која имаа влијание САД, Франција и другите европски земји во борбата против исламистичките милитанти во регионот Сахел, каде што џихадистите добиваат сѐ поголемо влијание. Меѓутоа, токму речиси никаквото сузбивање на напредувањето на џихадистите од страна на претходната влада на Нигер и нејините западни сојузници беше причината војската да го оправда преземањето на власта во земјата.

На 26-ти јули 2023 година група воени офицери од претседателската гарда на Нигер се побунија и најавија соборување на претседателот Мохамед Базум. За управување со земјата беше формиран Националниот совет за спас на татковината, предводен од командантот на гардата, Абдурахман Тчиани. Една од одлуките на организаторите на пучот беше раскинувањето на воените договори со Франција во врска со распоредувањето на француските одреди и статусот на воениот персонал присутен во земјата за борба против радикалните исламисти.