Франција во соработка со Швајцарија ја проверува правната основа за обвиненија против основачот на сѐ популарната во светот апликација за размена на шифрирани пораки Telegram, Русинот Павел Дуров, за наводно насилство над едно од своите деца, пренесуваат во средата медиумите повикувајќи се на извори од обвинителството во Париз.
Дуров, милијардер роден во Русија од каде се исели пред пет години и со француско и државјанство на Обединетите Арапски Емирати, беше уапсен во Франција изминатиот викенд, како дел од истрагата за злосторства поврзани со фотографии од сексуална злоупотреба на деца, трговија со дрога и лажни трансакции на платформата, соопштија во понеделникот француските обвинители. Доколку биде прогласен за виновен, на Дуров му се заканува затвор до 20 години.
Во средата француските медиуми објавија дека во Париз се води истрага против Дуров за наводен случај на семејно насилство врз едно од неговите деца. Извор од париското обвинителство изјавил дека неодамнешното апсење на основачот на Telegram на парискиот аеродром „Ле Бурже“, нема никаква поврзаност со овој случај.
Како што претходно беше наведено, периодот на притвор на Дуров може да се продолжи најмногу до средата 28-ми август, бидејќи не може да надмине 96 часа.
„Во моментов се вршат проверки со Швајцарија за да се утврди дали веќе постои законска основа“, рекол неименуван соговорник од париското обвинителство за руската агенција РИА.
Но ова недвосмислено веќе потсетува на децениската голгота на основачот на разобличувачкиот интернет ресурс WikiLeaks, Австралиецот Џулијан Асанж, кој првично беше притворен под обвинение за наводни сексуално злоставување и силување во Шведска, обвиненија кои подоцна беа повлечени, но започна неговата долга правна битка против екстрадирање во САД кои го бараа под обвиненија за шпионажа и загрозување на националната безбедност.
Претходно во средата беше објавена судска одлука според којашто на 23-ти октомври 2023 година, Апелациониот кривичен суд на кантонот Женева му наложил на обвинителството во градот Женева да ја истражи пријавата против Павел Дуров поднесена од неговата поранешна девојка Ирина Болгар, во којашто таа го обвинува за насилство врз нивниот заеднички син. Во одлуката на судот се објаснува дека по поднесувањето на пријавата за три случаи на насилни дејствија извршени од таткото врз детето родено во 2017 година, бидејќи тие настани се случиле пред повеќе од три месеца. Мајката на детето ја обжалила таа судска одлука на 4-ти мај 2023 година.
Дуров беше приведен на аеродромот „Ле Бурже“ на 24-ти август. Обвинителството во Париз подоцна соопшти дека Дуров бил приведен на сослушување како дел од случајот отворен на 8-ми јули против неименувано лице под сомнение за 12 кривични дела. Освен тоа, француските власти ја истражуваат наводната вмешаност на Дуров во прикривање податоци за нелегални активности на интернет, вклучително и дистрибуција на детска порнографија и трговија со дрога. Тој е осомничен и за неподготвеност да соработува со властите. Според медиумите, тој може да се соочи со затворска казна до 20 години.
Притворот на Дуров предизвика широки јавни критики во светото. На оваа заднина, францускиот претседател Емануел Макрон дури по неколку дена даде изјава во која истакна дека притворот на Дуров не е политичка одлука и вети дека судиите ќе донесат одлука за случајот на претприемачот.