Заедничкото производство на руската вакцина „Спутник V“ со Франција ќе зависи од одобрувањето на Европската агенција за лекови (ЕМА), изјави францускиот амбасадор во Русија, Пјер Леви, во интервју за „Спутник“.
– За мене во врска со вакцинацијата или заедничкото производство со Франција на вакцината „Спутник V“, сè ќе зависи од одобрувањето на Европската агенција за лекови, што ќе се спроведе врз основа на чисто научна анализа – одговори амбасадорот на прашањето дали Франција размислува за можноста за производство на оваа вакцина заедно со Русија.
Вакцината „Спутник V“, произведена од Институтот за научно истражување „Гамалеја“ во соработка со рускиот фонд за директни инвестиции, на 11-ти август доби потврда за регистрација од руското Министерство за здравство, со што стана првата регистрирана вакцина против вирусот ковид-19 во светот.
Вакцината е направена на докажана и добро проучена платформа на човечки аденовирусни вектори, чии важни предности се безбедноста, ефикасноста и отсуството на долгорочни негативни последици. Ефикасноста на „Спутник V“ е над 90 проценти, вакцината обезбедува целосна заштита од тешки случаи на ковид-19.
Вакцината е веќе одобрена за употреба во Русија, Белорусија, Аргентина, Обединетите Арапски Емирати, Унгарија, Србија, Боливија, Алжир, Иран, Палестина, Венецуела и други земји. Исто така, инициран е процес на регистрација во Европската унија и Светската здравствена организација.