Француската војска стационирана во Нигер ќе почне да ја напушта таа африканска земја во рок од една недела, објави новинската агенција АФП повикувајќи се на Генералштабот на француските вооружени сили.
„Ќе ја започнеме операцијата за повлекување во рок од една недела. Се ќе биде направено на уреден начин, во соодветни безбедносни услови и во координација со Нигер“, соопшти Генералштабот на француските вооружени сили.
Во средата, Мохамед Тумба, државен министер и министер за внатрешни работи, јавна безбедност и територијална администрација, назначен од бунтовниците, изјави за телевизијата Ал Џезира дека верува дека Франција нема да ја повлече својата војска од територијата на Нигерија. Тој тврди дека Париз „го поддржува тероризмот во Нигер“ и не дозволува земјата самостојно да управува со сопствените ресурси.
На 26 јули, група воени офицери од претседателската гарда на Нигер се побунија и најавија соборување на претседателот Мохамед Базум. За управување со земјата беше формиран Националниот совет за спас на татковината, предводен од командантот на гардата, Абдурахман Тчиани. Една од одлуките на организаторите на пучот беше раскинувањето на воените договори со Франција во врска со распоредувањето на француските одреди и статусот на воениот персонал присутен во земјата за борба против радикалните исламисти.
Францускиот претседател Емануел Макрон на 24 септември најави повлекување на амбасадорот и голем број дипломати од Нијамеј, како и одби да има воена соработка со бунтовниците кои ја презедоа власта во Нигер. Тој прецизираше дека Франција има намера да ја повлече својата војска од земјата до крајот на годината. На 26 септември, полковникот Амаду Абдраман, претставник на Националниот совет за спас на татковината, рече дека новите власти не добиле никакво официјално известување за повлекување на француската војска.