Франција, во координација со Египет и Јордан, предложи резолуција до Советот за безбедност на ОН која повикува на прекин на огнот во израелско- палестинскиот конфликт. Според соопштението од Париз, францускиот претседател Емануел Макрон и неговиот египетски колега Абдел Фатах ал Сиси се согласиле на оваа резолуција на видео конференција со јорданскиот крал Абдула втори.
„Трите земји се согласија на три едноставни елементи: Пукањето мора да престане, дојде време за прекин на огнот и Советот за безбедност на ОН мора да се зафати со ова прашање“, се вели во соопштението.
Во меѓувреме, Советот за безбедност на ОН вчера го одржа четвртиот итен состанок околу израелско- палестинскиот судир во рок од 8 дена на кој не е издадено заедничко соопштение, затоа што според дипломатски извори, САД и натаму веруваат дека тоа не би придонесло за смирување на непријателствата.