Франција го елиминара кинески „Huawei“ од својата 5G мрежа

Француските власти ги предупредиле телекомуникациските оператори кои планираат да купат опрема за мобилните мрежи од петтата генерација од корпорацијта „Huawei“ дека нема да можат да ја обноват лиценцата кога ќе истеке, со што всушност го исклучуваат овој кинески телекомуникациски гигант кој е на удар на санции од САД од мобилните мрежи, пренесува во средата Reuters повикувајќи се на три упатени извора.

Како и другите европски земји, Франција се подготвува да ја воведе новата генерација на 5G мобилната технологија, во време на зголемените геополитички тензии меѓу двете суперсили. САД, кои ја обвинуваат Кина дека оваа опрема на нејзините корпорации ја употребува за шпионажа а што го отфрлаат и „Huawei“ и официјален Пекинг, ги притискаат своите сојузници да го следат нивниот пример и да го забранат „Huawеi“.

Француската агенција за кибернетичка безбедност ANSSI соопшти претходно месецов дека ќе им дозволи на операторите користење на опрема, вклучително и од „Huawei“, со лиценца од три до осум години. Меѓутоа, истовремено ги повикува телекомуникациските оператори кои во моментов не користат технологија од оваа кинеска компанија да избегнуваат да набавуваат нејзина опрема, за да не зависат од неа.

Секој оператор мора да аплицира за десетици лиценци за опрема, за да ги покрие различните делови од земјата. Одобрувањата за „Huawei“ важат три или пет години, а за европските конкуренти „Ericsson“ или „Nokia“ осум години. ANSSI сѐ уште не ја објави својата конечна одлука.

Изворите на кои се повикува агенцијата Reuters наведуваат дека француските власти ги известиле телекомуникациските компании во неофицијални разговори минатите месеци, што не е наведено во официјалните документи, дека лиценците за „Huawei“ нема да бидат продолжувани.

Од ANSSI одбиле да ги коментираат наводите, а коментар одбиле да дадат и од „Huawei“, пишува Reuters. Ваквите ограничувања би воделе до постапно исклучување на кинеската компанија од француската 5G мрежа до 2028 година, се додава во извештајот.

Еден од изворите рекол дека би било сложено за телекомуникациските оператори да ризикуваат и да вложуваат во опремата на „Huawei“ со неизвесноста дали ќе трае таа технологија.

Забраната би можела да донесе непријатности за телекомуникациските оператори „Bouygues“ и „Altice“, кои веќе користат опрема од „Huawei“. Двете компании веќе неколкупати оваа година изјавија дека доколку мора да ја менуваат опремата, а што би им донело голем трошок, би можеле да побараат надомест од француската држава.

И од операторите „Bouygues“ и од „Altice“ одбиле да ги коментираат овие информации. Другите два големи оператора во Франција, „Orange“ и „Iliad“, главно работат со „Nokia“ и „Ericsson“.

Ваквата одлука на Париз всушност би претставувало следење на потегот на Велика Британија, каде што телекомуникациските оператори многу зависат од технологијата на „Huawei“ владата им нареди дека опремата на кинеската компанија мора да биде повлечена до 2027 година.