Франција го озакони правото на кравите да мукаат

Жителите на градовите кои ќе решат да бараат мир и тишина во буколичното француско село тешко дека отсега натаму ќе можат да ги тужат своите соседи за кукање на петлите, мукањето на кравите или квичењето на свињите, бидејќи парламентот го озакони правото на домашните животни на глас.

Со новиот закон што Собранието го усвои во понеделникот вечерта, селаните ќе бидат заштитени во извршувањето на нивните традиционални фармерски и земјоделски работи

Често се случувало луѓе кои не се навикнати на село да се одлучат да се преселат на село, а потоа да ги тужат своите соседи поради бучавата што ја создава, на пример, трактор што оди на поле в зори или локална пеканица којашто работи ноќе.

Стотици тужби поднесени против соседите ги преплавија локалните судови, кои сега ќе можат да здивнат .

Така, во насловите доминираше случајот на производителот на млеко кој мораше да им плати на соседите 100.000 евра и да ја преуреди својата штала.

Во 2019 година, судот пресуди во полза на петелот Морис, кој доби право да продолжи да пее и покрај тужбата од соседите, сопственици на викендичка, кои се пожалија дека им се нарушува правото на мир.

Новиот закон предвидува сите селски работи, коишто се вршат на законски начин, да можат да продолжат.

Претходниот закон од 2021 година го бранеше таканареченото „чувствително наследство“ на француското село, а овој термин се однесува на бучавата и мирисите карактеристични за природата и селата.