Неповолните временски услови му нанеле штета на француското производство на вино кое годинава ќе се намали за 18 отсто, на 39,3 милиони хектолитри, соопшти во петокот Министерството за земјоделство.
Министерството на почетокот на август прелиминарно процени дека производството ќе се движи од 40 до 43 милиони хектолитри. Новата проценка потврдува дека производството нема да го достигне петгодишниот просек од 44,2 милиони хектолитри.
Производството беше особено тешко погодено во регионите Жира, Шарант, Вал де Лоара и Божоле-Бургоњ, се вели во новиот извештај на Министерството. „Падот е последица на особено неповолните климатски услови кои го намалија производниот потенцијал во речиси сите лозарски подрачја“, најавуваат оттаму.
Како и другите земјоделски култури, вклучително и житарките, и грозјето беше оштетено од обилните врнежи во Франција во изминатите 12 месеци, што го поттикна ширењето на болеста, посочува Министерството, додавајќи дека поради влажноста и ниските температури за време на цветањето, лозите во многу лозјата изгубија цвеќе.
Уште во август тие се надеваа дека падот на производството може да се ублажи со влажна почва и подоцнежен почеток на сезоната на растење, за една до две недели во споредба со минатата година.
Винарите во регионот на Бордо одлучија оваа година да исчистат 8.000 хектари винова лоза, што во комбинација со опаѓање на цветот, мувла и град треба да резултира со намалување на производството за 10 отсто.
Во Шампањ, според проценките на министерството, производството треба да се намали за 16 отсто, исто така под влијание на болести, пролетен мраз и изгореници на бобинките поради високите температури.
Производителите од тој регион во јули апелираа да се намали количината на грозје годинава, бидејќи продажбата во првата половина од годинава паднала за 15 отсто.
Шарант, вториот по големина производствен регион, по Лангедок-Русијон, и покрај тоа што има поголема површина под лозови насади, би требало да забележи пад на производството за 35 отсто во однос на рекордната 2023 година поради помалку гроздови и слабо цветање во услови на висока влажност, се вели во соопштението.
Виното е меѓу главните извозни производи на Франција, заедно со алкохолните пијалоци, но странската побарувачка слабее поради намалената куповна моќ, а Французите исто така консумираат помалку вино, забележува Reuters.
Така, продажбата на вино во супермаркетите е намалена за повеќе од пет отсто во периодот од 1 јануари до 11 август, при што е забележан пад од 8,5 отсто на продажбата на црвено вино и пад од 6 отсто на продажбата на розе вино. Продажбата на белите вина остана на нивото од минатата година, се вели во забелешката на агенцијата под одговорност на Министерството за земјоделство FranceAgriMer.