Непалските власти во средата соопштија дека нема преживеани во најсмртоносната авионска несреќа во земјата во последните 30 години, но екипажот сè уште трага по останките на последниот исчезнат патник.
Спасувачките екипи во понеделникот успеаја да ги пронајдат двете „црни кутии“ од патничкиот авион. Податоците од уредот кој ги снима податоците за летот и другиот што ги снима гласовните повици во пилотската кабина со контролата на летот веројатно ќе им помогнат на иследниците да утврдат што ја предизвикало несреќата.
Бидејќи Непал нема можност да чита „црни кутии“, уредите ќе бидат испратени онаму каде и да препорача производителот. Авионите „АТR 72“ е регионален патнички авион произведен во Франција. Се придвижува со два турбо-пропелер мотори фиксирани под крилата. Авионските мотори ги произведува канадската компанија „Pratt & Whitney“. Француските и канадските истражители најавија дека сакаат да учествуваат во истрагата за причините за несреќата.
Спасувачките тимови употребија беспилотни летала и се спуштија по длабокиот кањон во вторникот за да ги бараат јагленосаните остатоци од авионот од типот „ATR 72“ на домашната воздухопловна компанија „Yeti Airlines“, во кој се превезуваа 72 лица кога се урна во близина на туристичкиот град Покара во неделата наутро.
„Не е можно некој да преживеал. Досега пронајдовме 71 тело. Потрагата по последното ќе продолжи“, изјави во средата Тек Бахадур К.Ц., највисок функционер во областа Покара.
Идентификацијата на телата е отежната поради состојбата на посмртните останки, изјави Ајај К.Ц, полициски службеник на местото на спасувањето.
„Додека болничките тестови не покажат дека таму се посмртните останки на 72 лица, ќе продолжиме да го бараме последното лице“, изјави Ајај К.Ц.
Тимовите за пребарување пронајдоа 68 тела на денот на несреќата, а уште две беа пронајдени во понеделникот пред потрагата да биде прекината. Уште едно тело беше пронајдено во вторникот доцна попладнето, соопштија официјални лица.
Екипите го пренасочија протокот на блиската река за да ги бараат телата, рече Гурудут Гимир, друг службеник кој е дел од потрагата.
„Не остана ништо таму. Но, потрагата ќе продолжи“, рече Гимир.
Во авионот што полета од Катманду за Покара имало 57 непалски државјани, петмина Индијци, четворица Руси, двајца јужнокорејски државјани и по едно лице од Аргентина, Ирска, Австралија и Франција.