Франција мора подобро да ги контролира своите граници, порача премиерот Барние

Франција мора подобро да ги контролира своите граници, рече премиерот Мишел Барние во говорот во францускиот парламент во вторникот, каде што рече дека имиграцијата ќе биде еден од приоритетите на неговата влада.

Имиграцијата стана горлив проблем особено во западноевропските земји, поттикнувајќи го растот на крајно десничарските партии, вклучително и во Франција, каде партијата Нациоанелн собир предводена од Марин Ле Пен која освои рекорден број пратеници на вонредните парламентарни избори летово го направи ограничувањето на имиграцијата еден од нејзините услови за премолчена поддршка за малцинската влада на Барние.

„Веќе не успеваме задоволително да ја контролираме нашата имиграциска политика. Итно треба да ја извадиме имиграцијата од идеолошката блокада во која некои ја ставија“, рече Барние, поранешниот главен преговарач на Европската унија во процесот на излгувањето на Велика Британија од блокот.

Додаде дека Франција ќе се обиде да следи сличен потег на Германија во однос на контролата на сопствените граници во Европа, а сепак да се придржува до правилата на Европската унија.

„Сѐ додека е потребно, Франција ќе воспоставува проверки на своите граници, како што е дозволено со правилата на ЕУ и како што направи Германија“, рече Барние но не даде повеќе детали.

Во септември, Германија повторно воведе привремени гранични контроли, вклучително и на нејзините граници со Франција, Белгија и Холандија, како дел од борбата против илегалната миграција и прекуграничните злосторства. Според правилата на ЕУ, на земјите од Шенген зоната, која ги вклучува сите земји на ЕУ, освен Кипар и Ирска, им е дозволено да воведат гранични контроли како последно средство за да ги одвратат заканите за внатрешната безбедност или јавниот ред.

Барние, исто така, рече дека нема да се воздржи од отворање на преговори со некои земји за билатерални договори за имиграција.

Натаму тој рече дека би сакал да ги условува визите за странските државјани според тоа дали нивните матични земји се согласуваат со враќањето на оние странци кои Франција сака да ги врати, алудирајќи на некои северноафрикански земји.