Вчерашниот состанок на амбасадорите на земјите членки на ЕУ не донесе напредок во позицијата на Франција за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија, велат француски дипломатски извори за МИА.
– Не очекуваме да има поместување најрано до самиот министерски состанок во вторник во Луксембург, ништо не е сменето во однос на минатата недела, одлуката треба да ја донесе претседателот Емануел Макрон – објаснуваат за МИА дипломати присутни на вчерашниот амбасадорски состанок.
Дипломатите не ја потврдуваат информацијата дека Франција „не е оптимист“ за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија, како што пренесоа некои француски медиуми.
– Не можеме да потврдиме таква информација бидејќи едноставно Франција за сега нема став, оттука не може да се каже дали е оптимист или не.
Според високи владини извори од земја членка на ЕУ кои биле во контакт со француската влада, „на Макрон не му пречи да биде изолиран по ова прашање во ЕУ“.
Преговорите помеѓу земјите членки на ЕУ сѐ повеќе се фокусирани на одвојување на Албанија и Северна Македонија, посебно по ставот на холандската Влада и условите поставени од страна на Германија. Останува дека низа земји во ЕУ и натаму инсистираат двете земји да одат во пакет, од различни причини.
За некои земји членки проблематично е одвојувањето на Албанија „поради тоа што ќе се создаде перцепција дека се изолираат од преговарачкиот процес земји со мнозинско муслиманско население“, додека други сметаат дека во прашање е регионалната стабилност и стравуваат дека Тирана би „влијаела негативно“ во дијалогот Приштина – Белград ако биде блокирана.
– Иако на некои земји не им се допаѓа одвојувањето, доколку Франција застане зад таа позиција, најверојатно ќе прифатат, подобро една отколку ниедна земја да започне преговори, како и да е сѐ ќе зависи од Макрон – објаснува висок дипломат од земја членка на ЕУ за МИА.
Позицијата на холандската Влада во секој случај ги охрабри поддржувачите на проширувањето, но сѐ уште не е сигурно дека одлука ќе биде донесена во вторник. Зависно од динамиката на разговорите на министерскиот состанок во Луксембург ќе се знае дали е потребно да им се остави крајната одлука на шефовите на држави и влади на Самитот, кој ќе се одржи два дена подоцна во Брисел.