Сојузниците на Украина не треба да прејудицираат како новата американска администрација ќе се справи со војната во Украина, рече во понеделникот францускиот министер за надворешни работи, додавајќи дека Париз верува дека западните сили мора да останат обединети во поддршката за Киев.
Новиот американски претседател Доналд Трамп, кој постојано го критикуваше обемот на западната финансиска и воена помош за Киев, разговарал со рускиот претседател Владимир Путин и го „советувал да не ја ескалира војната во Украина“, изјавил за Reuters во неделата извор запознаен со разговорот откако за тоа прво извести весникот The Washington Post, исто така, повикувајќи се на неименуван „информиран“ соговорник.
Меѓутоа, Кремљ во понеделникот категорично негираше дека Путин и Трамп разговарале, а од транзаицискиот тим на Трамп досега не се огласија.
„Соочени со шпекулации за тоа какви би можеле да бидат позициите или иницијативите на новата американска администрација, мислам дека апсолутно не треба да прејудицираме и мора да ѝ дадеме време (на администрацијата на Трамп)“, изјави Жан-Ноел Баро на Парискиот мировен форум.
Но, Баро рече дека какви и да се иницијативи ќе мора да гарантираат дека Украина самата го одредува времето и условите на преговарачкиот процес. Додаде дека западните сојузници мора да му ги обезбедат на Киев сите потребни средства за да ја потиснат инвазијата на руските сили.
„Украина, но и меѓународната заедница, би имале премногу нешта да загубат доколку Русија го наметне законот на најсилните“, рече шефот на француската дипломатија.
Баро рече и дека „претседателот (на Украина) Володимир Зеленски се сретнал со новоизбраниот претседател Доналд Трамп неколкупати“ и дека не се сомнева „дека ќе воспостави силни односи со новата администрација“.
Францускиот министер за одбрана во неделата изјави дека Париз испраќа повеќе ракети со долг дострел во Украина за да нападне цел зад руските линии.
Финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен на истиот форум рече дека е време сојузниците на Украина да ја направат построга својата анализа на Русија.
„Не се работи само за Украина. Руската закана за човештвото е егзистенцијална и не започнува ниту завршува со Украина“, рече Валтонен, чија земја влезе во НАТО минатата година наводно како одговор на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година иако Финска со години и покрај декларативната воена неутралност најдиретно соработуваше со земјите од НАТО.