Франција очекува едногласност во ЕУ за кандидатскиот статус на Украина

Верувам во единство и едногласност, изјави во вторникот францускиот министер Клеман Бон пред почетокот на последниот состанок на Советот за општи работи на Европската унија во Луксембург во текот на француското претседавање.

Бон изјавата ја даде по повод закажаната дискусија за позитивната оцена на Европската комисија за подготвеноста на Украина и Молдавија да добијат статус на земји кандидати за пристапување во Европската унија.

„Мислам дека има едногласност, има уште работа до заседанието на Европскиот совет кон крајот на оваа седмица“, додаде Бон одговарајќи на новинарски прашање дали Унгарија, којашто има повеќегодишен конфликт со Украина поради односот кон унгарското малцинство во оваа земја, може да го спречи носењето на оваа одлука за што е потребен консензус од сите членки.

Според Бон, и земјите од западен Балкан треба да добијат дополнително уверување и поддршка за нивната европска иднина.

„Неопходно е да има таква јасност“, истакна францускиот министер.

Оцени дека Европската политичка унија, којашто ја предложи францускиот претседател Емануел Макрон, не претставува алтернатива за пристапувањето во ЕУ.

„Процесот на преговори за влез во ЕУ е долг, го одбележуваме одговорно и чесно, не би сакале да создаваме недоразбирања и неоправдани очекувања, тоа не би било во ничиј интерес“, заклучи Бон.