Франција: По повод 1-ви мај, десетици илјади бараа повисоки плати и мир

Десетици илјади луѓе ширум Франција се приклучија на синдикалните собири за повисоки плати и мир во средата за да го одбележат Меѓународниот ден на трудот. Од Марсеј до Лион, Рен или Тулуз на големите паради во големите градови се вееја знамињата на различни синдикати и палестинското знаме.

Во Париз, според синдикатите, се собрале 50.000 луѓе, а според полицијата 18.000, атмосферата на почетокот била карневалска, но на крајот полицијата интервенирала со солзавец. Според полицијата, група од 4.500 луѓе, заедно со „неколку стотици радикали“ запалиле камион, а уништени се и излози. Досега се уапсени 25 лица.

Низ цела Франција, 12.000 полицајци беа распоредени од утрото за одржување на редот и мирот, од кои 5.000 во Париз.

Како што се приближуваат изборите за Европскиот парламент, повеќе политичари им се приклучијана поворките и протестите, вклучително и комунистите на Фабиен Русел или на Манон Обри од радикалната левица Непокорена Франција (LFI).

Лидерот на социјалистите Рафаел Глуксман бил спречен да му се приклучи на маршот во Сент Етјен откако екстремистите го навредувале, му се заканувале и го испрскале со боја.

Моќниот синдикат CGT повика против „мерките за штедење“, за отворање работни места, повисоки плати и мир. Водечкиот синдикат CFDT ги повика луѓето да се приклучат на маршевите во повиците за поамбициозна Европа која повеќе ги штити работниците.