Франција по продолженија по четврти пат на европскиот ракометен трон

Ракометарите на Франција го освоија златниот медал на Европското првенство во Германија, победувајќи ја Данска со 33:31 (27:27, 14:14) по продолженијата во возбудливото финале во неделата, одиграно пред 19.750 гледачи во „Ланксес арената“ во Келн. Така продолжи стопроцентната серија на една од најтрофејните репрезентации во историјата на ракометната игра, која и во четвртото финале на европските првенства излезе како победник.

Лудовик Фабрегас беше стрелец на Франција со осум гола, Недим Ремили постигна пет, а Јанис Лене, Елохим Пранди и Дилан Нахи по четири гола. Самир Белахчене имаше девет одбрани. Микел Хансен ги предводеше Данците со девет гола и стана најдобриот стрелец на континенталните турнири, а Матијас Гидсел осум пати ја погоди мрежата. Сајмон Питлик постигна пет гола. Голманот Емил Нилсен беше одличен со 15 одбрани.

Французите малку подобро го отворија финалниот меч и во 12. минута првпат дојдоа до предност од два гола (6:4). Но, во тој момент Данците се сталожија и почнаа да го играат ракометот што го прикажуваа во поголемиот дел од турнирот во Германија. Со серија од 5:0, избраниците на Николај Јакобсен негативата од два гола ја претворија во предност од три гола (9:6) во 17. минута. Но, повторно останаа повеќе од седум минути без гол, па Французите израмнија на 9:9. До крајот на полувремето ниту една екипа не можеше да се одлепи, па на големата пауза се замина со резултат 14:14.

Хансен и Гидсел со три гола го отворија вториот дел и повторно им донесоа на Данците предност од плус 3 (17:14) во 35. минута. Данска ја одржуваше предноста од еден или два гола до 53. минута, кога Французите првпат израмнија во вториот дел со голот на Лудовико Фабрегас. Квентин Мае ги доведе Французите во водство од пенал во 55. минута, но Хансен со два брзи гола им го врати водството на Данците.

Данска во последната минута од регуларниот период влезе со гол предност (27:26) и со топка во посед. Цврстата француска одбрана издржа и го принуди противникот да ја загуби топката поради пасивен напад. Пранди со одлично додавање го пронајде Фабрегас на линијата од шест метри, а најдобриот стрелец на Французите погоди за 27:27. На Данците им остана речиси половина минута до последниот напад, но не се изборија за позиција за шут. Беше досуден деветерец, од кој Хансен го погоди францускиот блок.

И исто како и во полуфиналето против Шведска, актуелните олимписки шампиони за дополнителни десет минути го скршија отпорот на актуелните трикратни светски прваци. Така, од 65. до 67. минута постигна серија од три гола. Питлик им донесе предност на Данците од 29:28, израмни Фабрегас, а потоа Дика Мем врза два гола за 31:29. Хансен ја намали негативата од седмерец, но кога Пранди погоди за 32:30 на половина минута до крајот, јасно беше дека Французите ќе го освојат победничкиот трофеј.

Данците останаа на две титули од четири европски финалиња, а Французите по четврти пат излегоа како победници. Тоа им беше втор меч за европското злато, а конечниот исход е ист, со таа разлика што во Германија Данците имаа шанса за победа, додека во 2014 година претрпеа убедлив пораз пред своите гледачи (41:32).

Франција го заврши турнирот во Германија со сите девет победи, од кои две во продолженијата во нокаут фазата.

Французите сега имаат само едно злато помалку од Шведска, најуспешната репрезентација на Европските првенства со пет титули. Во Германија, Швеѓаните мораа да се задоволат со бронзата која ја добија со победата од 34:31 против домашната селекција.