Франција погодена од нов штрајк, Британија се подготвува

Вториот голем штрајк во Франција ги наруши во вторникот производството на електрична енергија, наставата во училиштата и функционирањето на јавниот сообраќај откако владата го најави продолжувањето на возраста за заминување во пензија, додека Велика Британија се подготвува за нови големи штрајкови во среда и на 6-ти февруари.

Големата силни непопуларна реформа на пензискиот систем против којашто на 19-ти јануари мирно протестираа меѓу еден и два милиона луѓе според различните процени ширум Франција, предвидува подигнување на старосната граница за заминување во пензија од 62 на 64 години, што синдикатите едногласно го одбија, но и крајно левите и крајно десните опозициски партии.

Синдикатите во вторникот организираат нив протести ширум Франција во настојувањето да го задржат притисокот врз владата, и се надеваат дека до крајот на денот одѕивот на граѓаните ќе биде исто масовен како и на 19-ти јануари.

„Оваа реформа е нечесна и свирепа“, изјави Лук Фаре, генерален секретар на синдикатот на јавните службеници UNSA. Според него, подигнувањето на границата за заминување во полна пензија на 64 години е општествено назадување.

Поради штрајкот од вторникот утрото во сообраќај е само еден од трите брзи возови TGV, а уште помалку локални и регионални возови. Сообраќајот и во подземната железница во главниот град Париз, исто така, е во хаос.

Половината од наставниците во основните училишта не се појавија на работните места, штрајкуваат работниците во нафтените рафинерии и другите сектори, вклучително и во јавните медиуми, па наместо вестите радиотелевизиските куќи емитуваат само музика.

Анкетите покажуваат дека големо мнозинство Французи се против пензиската реформа, но претседателот Емануел Макрон и неговата влада не покажуваат знаци дека може да отстапат. Макрон повторува дека тоа е „клучната“ реформа за да се одржи во живот пензискиот систем. Владата тврди дека со зголемувањето на возрасната граница и продолжувањето на уплатите треба да гарантира финансиска стабилност на францускиот пензиски систем.

Таквите тврдења ги оспоруваат противниците на пензиската реформа. Синдикатите тврдат дека постои друг начин да се обезбеди одржливоста на пензискиот систем, а како решение на проблемот го наведуваат и оданочувањето на супербогатите и поголемиот придонес на работодавачите и поимотните пензионери.

Владата на Макрон во нацрт-законот направи одредени отстапки со спуштањето на возраста за заменување во пензија од 65 на 64 години и со одредување на минималната пензија на 1.200 евра месечно за сите.

Но нови штрајкови веќе се најавуваат во пристаништата, рафинериите и електраните од 6-ти февруари. Железничарите најавија штрајк на 7-ми и 8-ми февруари, со можно повторно излегување на улиците „веќе кон средината на февруари“, предупредуваат двата водечки синдиката CGT и SUD.

Нацрт-законот е предаден во француското Народно собрание каде што прво ќе биде дискутиран на парламентарната комисија. Поднесени се повеќе од 7.000 амандмани, главно од редовите на левицата.

 

И Британија оди на штрајк

Велика Британија, исто така, се подготвува за голем штрајк во среда на 1-ви февруари, кога според најавите работата ќе ја запрат службениците и работниците во различните сектори на стопанството, а пет дена подоцна повторно ќе штрајкуваат здравствените работници.

Наставниците во Англија и во Велс ќе штрајкуваат во среда, протестирајќи против тоа што цела деценија земаат „бедни плати“ во државните училишта, поради што многумина се принуден да работат две работи напоредно или да ја напуштат таа професија.

Ним ќе им се приклучат стотици илјади работници, вклучително и јавните службеници и работниците на железницата. Се очекува дека тоа ќе биде најголемиот штрајк во Велика Британија последните неколку децении, кога ќе се земе распонот на индустријата и секторите опфатени со штрајкот.