Француската влада ја започна постапката за преземање на преостанатиот 16-процентен удел во водечкиот домашен произведувач на електрична енергија кој сѐ уште не е во рацете на државата, објави во средата регулаторот за финансиски пазари AMF.
Државата поднела поедноставена понуда во првиот чекор во постапката чијашто цел е исклучување на акциите на компанијата EDF од пазарот. Телевизискиот канал Europe 1 извести во вторникот дека владата за акциите ќе плати 9,7 милијарди евра.
Ваквиот потег на француската влада се толкува како составен дел од планот за зголемување на производството на електричната енергија во нуклеарните централи, коишто уште сега произведуваат поголем дел од струјата во Франција.
Претседателот Емануел Макрон го најави преземањето преостанатиот удел во EDF уште во март, а премиерката Елизабет Борн изјави летово во владино соопштение дека целта е да се осигури францускиот суверенитет во сферата на енергијата во контекстот на војната во Украина.
Основа за преминот на енергенсите ќе биде нуклеарната енергија, а целта е Франција да стане првата голема сила којашто прва целосно ќе ги укине фосилните горива. Планот е да се прошири производството на енергија од обновливи извори и да се изградат најмалку шест нови нуклеарни централи.
Во моментов околу половината од 56 нуклеарни реактори на EDF се исклучени од мрежата поради одржување и ремонти. Телевизијата BFMTV извести во вторникот дека реакторот во нуклеарната централа Фламавил на Ламанш, затворена поради одржување, ќе остане надвор од мрежата подолго од планираното. Портпаролот на EDF наведе дека покренувањето на производството е одложено за 26-ти ноември.