Франција се нуди за посредник меѓу Софија и Скопје

Француската амбасадорка во Бугарија, Флоренс Робин, изјави дека за нејзината земја прашањето за проширувањето на ЕУ со Северна Македонија и Албанија е исклучително важно и како претседавач со ЕУ во првата половина на 2022 година Франција ќе понуди посредување за справување со спорот меѓу Софија и Скопје.

На овој начин, како што вели во изјавата за радио Дарик, ќе може да се реши спорот меѓу двете земји и ќе се потврди европската определба на Париз.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според амбасадорката Робин, Западен Балкан е дел од Европа и е прашање на безбедност регионот да биде вклучен повеќе во политиките на ЕУ, економскиот развој и размената воопшто. Амбицијата на Франција е да ја потврди својата европска посветеност кон Западен Балкан, а особено кон Северна Македонија и Албанија.

Флоренс Робин изјави дека има спорови меѓу соседните земји, и изрази уверување дека со добра волја и преку дискусии и промовирање на почитувањето на граѓанските права и почитувањето на малцинствата, тие ќе може да одговорат на овие предизвици. Според неа, навистина е важна стабилноста и одржувањето на добри односи, а „со разбирање и слушање, работите може да се средат“.