Франција се подготвува за парламентарните избори

Франција започна во понеделникот со подготовките за предвремени парламентарни избори, откако претседателот Емануел Макрон го распушти парламентот по поразот на неговата партија на изборите за Европскиот парламент на кои победи партијата од крајната десница на Марин Ле Пен,

Ненадејната одлука на Макрон, се смета за рискантен потег за неговата политичка иднина, и би можела да ја доведе на власт во Франција крајната десница по децениите сојузувања на левицата и десниот центар против неа, како и неутрализирање на неговото претседателствување три години до крајот на мандатот.

„Ова ќе бидат најважните парламентарни избори за Франција и за Французите во историјата на Петтата република“, изјави за радиото RTL министерот за финансии, Бруно Ле Мер.

Парламентарните избори ќе се одржат на 30-ти јуни, помалку од еден месец пред Олимписките игри во Париз. Вториот круг, така, е закажан за 7-ми јули.

Резултатот е тешко да се предвиди, сметаат политичките коментатори. Најверојатно тоа ќе зависи од повторната доследност кон таканаречениот „републикански фронт“, односно во блокирањето на гласачите на левицата и десниот центар на преземањето на власта од страна на крајната десница.

Аналитичарите, пак, сметаат дека одлуката на Макрон има цел да ја врати иницијативата на своја страна и да го принуди Националниот собир (RN), реформираната партија на Марин Ле Пен, да се подготвува за изборите порано отколку што планирала.

Националниот собир, сега предводен од харизматичниот 28-годишник Жордан Бардел на европските избори во неделата освои 32 отсто од гласовите,, повеќе од двојно повеќе од 15-те отсто што ги освои Препород, партијата на Емануел Макрон. Социјалистите завршија трети со 14 отсто од гласовите, а потфрлија конзервативците од десниот центар Републиканци, порани и владејачка партија.

Партијата на Макрон сега има 169 пратеници во долниот дом на парламентот кој има 577 пратеници. Ле Пен, пак, располага со 88 пратеници.

Доколку Националниот собир го освои мнозинството, Макрон и натаму ќе ја води одбранбената и надворешната политика на Франција, но би ги изгубил овластувањата да управува со внатрешните прашања, од економијата па до безбедноста.

„Ние целиме кон победа“, изјавил за Reuters извор близок до Макрон, додавајќи дека претседателот се надева дека ќе ги мобилизира гласачите кои во неделата не излегле на избирачките места.