Франција се подготвува за генерален штрајк во четврток против пензиските реформи со коишто претседателот Емануел Макрон сака да покаже дека е способен да поттикне промени и да го потврди својот политички рејтинг во земјата којашто е расцепкана со поделбите.
Планот и неговата главна мера – зголемувањето на возрасната граница за одење во пензија на 64 години наместо досегашните 62 години, наидува на противење од сите синдикатите и најголемиот дел од јавноста, покажуваат анкетите.
На политички, пак, се води тесна трка бидејќи владата на претседателот Макрон има само релативно мнозинство во Националното собрание (парламентот) Левицата и крајната левица жестоко се противат на реформите, а само умерената десна опозиција нуди можност за договор.
Повеќе од 10.000 полицајци, од кои 3.500 во главниот град Париз, ќе бидат ангажирани за да се осигури јавниот ред и мир во текот на штрајкот и веројатно протестните маршеви, соопшти во средата министерот за внатрешни работи Жерал Дерманен.
Министерот додаде дека властите очекуваат дека во Париз ќе дојдат „околу илјада“ демонстранти кои „би можело да бидат насилни“, споменувајќи ги „ултралевицата“ и „ултрамладината“, мислејќи на најрадикалните припадници на движењето на социјалниот бунт Жолтите елеци, кој ја тресеше силно Франција во 2018 и 2019 година и за среќа на Емануел Макрон масовните протести секој викенд ги прекина пандемијата на коронавирусот.
Портпаролот на француската влада, Оливие Веран, пак, повика штрајкот да не биде претворен во „целосна блокада“ на земјата.
„Ова ќе биде тежок четврток (…) Ова ќе биде четврток на големо нарушување во сообраќајот“, оцени министерот за сообраќај Клеман Боне, апелирајќи на граѓаните да не го користат јавниот транспорт доколку не мораат и да работат од дома доколку имаат можност за тоа.
Управата за цивилно воздухопловство побара од авиокомпаниите превентивно да го откажат секој петти лет во аеродромот Париз Орли во четврток, поради штрајкот на контролорите на летањето.
Во железничкиот сообраќај, државната компанија SNCF предвидува „големо нарушување“, а ќе вози секој трет до секој петти супербрз воз (TGV), зависно од линијата, како и во просек секој десетти меѓуградски воз.
И париската подземна железница ќе сообраќа во многу намален обем, три линии ќе бидат затворени, десет ќе возат „исклучиво во време на најголемите сообраќајни шпицеви“, а другите три „би можеле да бидат преоптоварени“, предупредува парискиот јавени тренспортен оператор RATP.
Пензиската реформа е едно од ветувањата од кампањата на претседателот Емануел Макрон кој минатата година го освои вториот мандат во вториот круг против кандидатката на крајната десница Марин Лепен.
Премиерката Елизабет Борн, од доверба на Макрон, жестоко ги брани овие реформи. Претходниот предлог за пензиските реформи од 2019 година беше напуштен под силниот притисок на социјалните движења и ширењето на пандемијата на Covid-19.