Која репрезентација од групата “Е”, прва ќе обезбеди пласман во 1/8 финалната рунда, најверојатно ќе дознаеме денеска или поточно откако ќе биде одигран дерби дуелот помеѓу репрезентациите на Франција и Швајцарија.
И двете репрезентации оставрија позитивен резултат во првото коло, Франција со убедливи 3:0 славеше во дуелот против селекцијата на Хондурас, додека Швајцарија со многу среќа забележа пресврт победа во дуелот против селекцијата на Еквадор.
Иако за противник има далеку поискусен тим, кој е редовен учесник на фудбалските мундијали, крилниот напаѓач на Швајцарија, Џердан Шакири пред натпреварот изјави дека неговиот тим може да забележи триумф и во дуелот против “Галските Петли”.
„Франција е лидер во нашата група, најголем фаворит за првата позиција. Не очекува многу тежок натпревар, многу неизвесен. Нема да им биде лесно ниту на репрезентативците на Франција. За противник ќе го имаат одличниот тим на Швајцарија. Пред да стартува Мундијалот, прво ја победивме репрезентацијата на Германија, а потоа и таа на Бразил. Веќе покажавме, веќе докажавме дека можеме да се носиме со најдобрите репрезентации. Сакаме да го наметнеме нашиот стил на игра во дуелот против Франција. Се надевам на нова победа, на нови три бода”, изјави крилниот напаѓач на Баерн (М).
Дуелот помеѓу Франција и Швајцарија стартува во 21:00 часот.