Франција ја предводи годишната листа на највлијателни земји

Франција првпат ја предводи листата „Софт пауер 30“ на земји со најголемо влијание, постигнато со невоени средства. Индексот се темели на критериуми како отвореност и толерантност, но во предвид се земаат, исто така, и надворешната политика, културата, образованието, па дури и гастрономијата, пишува весникот „Фигаро“.

Откако во 2015 година беше четврта, а во 2016 година и петта, Франција годинава  ги победи Велика Британија, САД, Германија и Канада, покажа вчера објавениот ранкинг на британската компанија за политички консултации и Пи-Ар „Портланд комјуникејшнс“.

Концептот „софт пауер“ (мека сила) е воведен од професорот од универзитетот Харвард, Џозеф Нај, во неговата книга од 1990 година, и тој ја означува способноста повеќе да привлекуваш и да преобликуваш преку убедување, отколку да принудуваш (hard power -тврда сила) со сила или пари.

Рангирањето се темели на неколку клучни критериуми како меѓународниот авторитет на земјата, нејзината дипломатска мрежа, влијанието на интернет и односот кон странските туристи.

Искачувањето на Франција на челната позиција делумно се објаснува со динамичноста, што се внесе со изборот на 39-годишниот центрист и проевропеец Емануел Макрон за претседател на земјата. Овој пристап на меѓународен план, меѓутоа, не би бил можен без историската доминација на земјата, преку нејзината дипломатска мрежа, која се смета за  една од најдобро развиените во светот. Освен тоа, Франција останува најпривлечната туристичка дестинација во светот. Минатата година таа била посетена од 82,5 милиони туристи и покрај атентатите од 2015 година до сега што однесоа 230 жртви, подвлекуваат авторите на истражувањето, на кое се темели ранкингот на „Портланд комјуникејшнс“ и Центарот за јавна дипломатија на универзитетот во јужна Калифорнија.

Доаѓањето на Доналд Трамп на власт е причината зошто САД го отстапија првото место, кое го заземаа во 2016 година, па сега се трети на листата.

Велика Британија го задржа второто место, откако минатата година ја отстапи челната позиција заради Брегзит и несигурната иднина по излегувањето на земјата од Европската Унија.

Последни на годинешната листа на највлијателни земји се најдоа Бразил и Турција, чии репутации настрадаа од корупциски афери во Бразил и огромните чистки по обидот за преврат од јули 2016 година во Турција.