Франција ќе организира состанок за кризата во Нигерија

Францускиот претседател Франсоа Оланд предложи во Париз да се одржи состанок за кризата во Нигерија по киднапирањето на повеќе од 200 девојчиња кои се во рацете на вооружената исламистичка група Боко Харам.

„Нигерискиот претседател Гудлак Џонатан и јас предложивме сосотанок со шефовите на земјите кои се граничат со Нигерија,“ изјави Оланд при посетата на Азербејџан.

Оланд додаде дека состанокот ќе биде во сабота на 17 мај, доколку се сложат африканските лидери. На тој состанок се повикани лидерите на Нигерија, Камерун, Чад и Бенин.

Боко Харам ја презема одговорноста за киднапирање на 276 ученици на североистокот на Нигерија. Избегаа 53, а 223 девојчиња и девојки се се уште во рацете на екстремистите.