Француските власти надгледуваат 271 исламистички милинтант повратник од зоните на конфликти во Ирак и во Сирија, а сите се подложени на истраги од државното обвинителство, изјави во неделата францускиот министер за внатрешни работи.
Се проценува дека околу 700 француски државјани се бореле во редовите на ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава во Ирак и во Сирија, а како и другите европски земји, и Франција се обидува да се справи со повратниците од боиштата, за кои се верува дека се екстремно радикализирани и претставуваат потенцијални извршители на терористички акти.
Бројот на џихадистите повратници во Франција изнесува 217 возрасни и 54 малолетни лица, а некои од нив во моментов се во притвор, вели францускиот министер за внатрешни работи Џерар Коломб во интервјуто за неделникот Le Journal du Dimanche.
На прашањето колку француски џихадисти се убиени во Ирак и во Сирија, Коломб одговара дека е многу тешко да се потврдат прецизни информации.
Челникот на француските специјални сили изјави претходно во јуни дека неговите единици биле директно вклучени во уличните битки во ирачкиот град Мосул, но демантираше дека биле насочени кон француските џихадисти кои се бореле на страната на Исламската држава.
Франција учествува во меѓународната коалиција предводена од САД којашто се бори во Ирак, а воено интервенираше и во Мали во задушувањето на исламистичкиот бунт во оваа западноафриканска држава, некогашна француска колонија.
Француските воени интервенции во странство ја изложија земјата на нападите на исламските милитанти на нејзината територија. Терористи и бомбаши самоубијци на 13 ноември 2015 година во Париз убија 130 луѓе, а од почетокот на јануари 2015 година во други исламистички напади во Франција се убиени речиси исто толку лица.
Министерот Коломб истакнува дека исламистичката закана сѐ уште е „многу висока“, наведувајќи два инцидента кои биле насочени против полицијата во Париз и седум поединечни напади во текот на оваа година. Сѐ поголем е бројот на лица кои се означени во превентивен систем за надзор поради радикално однесување, при што се пријавени повеќе од 18.500 луѓе, додава Коломб.
Од ноември 2015 година на сила во Франција е вонредната состојба, која од пред една година на полицијата ѝ се дадени пошироки овластувања, а владата планира да вклучи некои од тие мерки во регуларните закони преку притивтерористичкиот закон кој во парламентот ќе биде доставен следните месеци.