Француската влада планира да укине милијарда евра даночни олеснувања за бизнисот, за да помогне во финансирањето на ветеното намалување на даноците на доход во вкупна вредност од 5 милијарди евра. Ова го изјави министерот за финансии, Жералд Дарманин, пренесува „Ројтерс“.
Во април, по повеќемесечни протести на т. н. „Жолти елеци“, претседателот Емануел Макрон вети дека ќе ги намали даноците на доход за 5 милијарди евра, а коментарот на Дарманин е првото објаснување како точно владата планира да го исполни ветувањето.
Разликата во буџетот ќе биде компензирана со затворање на даночните дупки за големите компании, а според Дарманин, останатите 4 милијарди евра ќе бидат собрани преку намалување на владините трошоци. Според него, мерката ќе влијае на 95 отсто од даночните обврзници во земјата.
Ова е втора мерка што француската влада ја презеде за да ги смири демонстрантите. Во декември беше одобрен пакет мерки во вредност од 10 милијарди евра, насочени кон стимулирање на приходите на најнископлатените работници и на пензионерите. Декемвриските мерки вклучуваат фиксирање на пензии под 2.000 евра месечно кон инфлацијата, како и зголемување на минималната пензија до 1.000 евра месечно.