Француското министерство за сообраќај планира со низа мерка да го поттикне возењето на велосипед, посебно за одење на работа, а за тоа можеби ќе се плаќа.
Францускиот министер за сообраќај, Фредерик Кувилиер, би требало да го најави почетокот на експерименталната фаза со неколку бизнисмени со цел да им се даде поддршка на вработените кои на работа одат со велосипед.
Релацијата „метро- работа- кревет“ наскоро ќе биде заменета со онаа „велосипед- работа- кревет“ со оглед на тоа што ќе биде презентиран национален план кој предност дава на возењето велосипед.
Една француска компанија веќе ја прифати таквата иницијатива и на своите вработени им обезбеди бесплатен простор за оставање на велосипеди, кациги, елеци, алати за поправки, како и кабини за туширање.
Колку на вработените ќе им се плаќа секој поминат километар до работа дополнително ќе се утврди. Во Белгија таквата иницијатива е прифатена во 1997-ма година, а секој поминат километар на велосипед во просек се плаќа по 21 цент.
На основа на овој ценовник, имајќи ги во предвид двата милиони велосипедисти кои можат да поминат по пет километари дневно, таквата мерка би ја чинела Франција околу 20 милиони евра.