Француската електроенергетска компанија EDF има намера да ги опреми нуклеарните централи за чести топлотни бранови за да спречи ограничувања во производството поради проблеми со ладењето, изјави директорката за заштита на животната средина Сесил Ложие за весникот Les Echos.
Во EDF размислуваат да инвестираат во капацитети за складирање вода за ладење што не може да се врати во реките поради прекумерните температури за време на топлотни удари, изјави Ложие за Les Echos во написот објавен во средата.
Минатото лето, властите привремено дозволија некои нуклеарни централи да ја враќаат водата од системот за ладење во реките, чија температура беше повисока од дозволената регулатива.
„Денес, нашиот капацитет за складирање е повеќе од доволен, но ако гледаме кон иднината, ќе мора да го зголемиме капацитетот за складирање“, објасни Ложие.
EDF би можелa да биде принуденa да го намали производството во нуклеарните централи во текот на топлотните удари за да го ограничи затоплувањето на реките. Групацијата од почетокот на векот го намали производството за 0,3 отсто поради високите температури.
Компанијата прогнозира дека до средината на векот производството ќе се намали за 1,5 отсто поради високите температури.Тврдат дека треба да се преиспитаат еколошките стандарди кои го ограничуваат испуштањето на водата со повисока температура во реките.
„Еколошките концепти се засноваат на студии од 1970-те, но климатските промени веќе ја менуваат животната средина“, тврди Ложие.
„Прописите мора да се однесуваат на нивото на греење, а не на апсолутната температура“, смета таа, додавајќи дека EDF ќе разговара за ова со Француската управа за нуклеарна безбедност.
Компанијата, исто така, сака поштедливо да ја користи водата за ладење, додава Ложие за весникот, и ќе тестира процес со кој водената пареа произведена во кулите за ладење ќе се собира, ќе се врати во течна состојба и ќе се користи повторно за ладење.