Француската војска се соочува со недостиг од муниција поради помошта за Украина

Француските вооружени сили се соочуваат со недостиг од муниција поради засилените испораки на воена помош на Украина во војната против Русија, што може да ги зголеми несогласувањата меѓу политичарите по прашањето за натамошна голема помош за Киев, коментираше во вторникот весникот Le Figaro.

„Копнените сили се соочуваат со недостиг од гранати со калибар 155 милиметри (кои се користат за хаубици и теренска артилерија)“, вели за весникот Жулиен Ранла, пратеник во Националното собрание (долниот дом на парламентот) од десничарската партија Национален собир кој заедно со Венсан Бру од партијата Демократско движење подготвил извештај за состојбата со залихите на муницијата за француската војска.

Во извештајот, како што се забележува во написот од вторникот во Le Figaro, „се наведуваат аргументи во корист на преоценувањето на залихите на оружје, земајќи ја предвид можноста за голем судир“. Во него пратеникот Бру бара обнова на воените резерви и откажување од минимизирањето на залихите поради штедење.

Според весникот, со проблемот се запознаени и производителите на оружје и Министрите за вооружените сили. Истовремено, првите „се ограничени со големината на пазарот, кој одамна е прилагоден на логиката на мирнодопските услови“. Во тој поглед производството на разни видови муниција се покажало недоволно развиено и несоодветно за сегашните потреби.

„Производството (на муниција) го достигна својот максимум“, одговорил генералот Пјер Шил, началник на Генералштабот на француските копнени сили.

Поради тоа, како што се предупредува во написот, во блиска иднина „треба да се очекуваат тензии меѓу поборниците на поддршката за Украина и оние кои сакаат да се штедат залихите поради националната одбрана“ на Франција.

Украина минатата седмица предупреди дека ѝ недостигаат различни видови муниција, а генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во вторникот на состанокот во седиштето во Брисел на Контакт групата за воена помош на Украина ги повика сојузниците итно да испратат повеќе муниција и оружје.

Меѓутоа, многу западни земји, како Чешка и Велика Британија, исто така како и Франција предупредуваат дека значително се намалиле нивните залихи со оружје и муниција, поради големата помош во тие средства кои ѝ ја испорачиваат на Украина.