Француски ганстер побегна од затвор со хеликоптер

Француски гангстер побегнал од затвор јужно од престолнината Париз со помош на вооружени помагачи однадвор и хеликоптер кој слетал во самото затворско двориште, соопштија во неделата извори од француските сили за спроведување на редот.

Редоан Фаид отслужувал 25-годишна затворска казна поради вооружен грабеж и убиство на полицајка во 2010 година, откако грабежот не се одвивал според планираното.

Според изворите на француските медиуми, тројца вооружени мажи дошле на влезот од затворот и барале Фаид да биде ослободен за да го одвлечат вниманието на стражарите. Истовремено во затворското двориште слетал хеликоптер, а вооружените помагачи го одвеле затворениот од собата за посетители и побегнале со леталото. Притоа нема повредени.

Хеликоптерот, чиј пилот можеби бил грабнат според сомневањата на полицијата, е пронајден изгорен северно од Париз. Фаид е во бегство, а функционер на министерството за внатрешни работи изјави дека е „направено сѐ за бегалецот да биде лоциран“.

Сега 46-годишниот Фаид од затвор успеал да побегне и во 2013 година кога за заложници земал четворица затворски стражари, со динамит си отворил излез од затворот и побегнал со автомобил кој го чекал. Бил во бегство шест седмици пред полицијата повторно да ги уапси во еден хотел заедно со соучесникот.

Овој непоправлив криминалец по десет години минати во затвор во 2009 година бил пуштен на условна слобода, откако надлежните за неговиот случај ги убедил дека се променил. Неговата „слава“ се зголемила со појавувањето во телевизиските емисија, како и книга за неговото минато и криминалниот подем во опасните париски предградија.