Француски „Оранж“ прогласен за виновен за неколку самоубиства на работници

Француската компанија за интернет и телекомуникации „Оранж“ е прогласена за виновна поради неколку самоубиства на работници што се случија додека фирмата поминуваше низ процесот на приватизација.

Парискиот суд го казни „Оранж со 75.000 евра, а поранешниот директор Дидие Ломбар е осуден на четири месеци затвор и 15.000 евра парична казна.

Останатите директори исто така се осудени на затвор и по илјада евра парична казна.

Одлуката за тоа дали компанијата ќе треба да плати отштета од два милиона евра се уште се чека.

Во земја во која работниците имаат силна заштита според Законот за работа, синдикатите тврдат дека раководството барало начини да ги охрабри работниците да ја напуштат работата или да прифатат прераспределување.

Обвинителите наведоа најмалку 18 самоубиства и 13 обиди за самоубиство во периодот од април 2008 до јуни 2010 година.

Раководителите на компанијата негираа одговорност за самоубиствата на луѓето што не ги познавале, но судот донесе пресуда дека тие и компанијата се виновни за колективно морално вознемирување.

„Оранж“ сè уште е доминантна француска телефонска компанија и работи во 26 земји низ Европа, Блискиот исток и Африка.