Француската влада повика на смиреност во четвртокот по смртта на 16-годишник на мотоцикл кој се судрил со полициско возило на пат надвор од Париз.
Обвинителите соопштија дека ги истражуваат наводите на полицијата дека тинејџерот не запрел додека возел мотоцикл по тротоарот, како и дека во текот на неговото бегство во средата вечерта удрил во полициското возило.
Соопштено е, исто така, дека двајцата полицајци од возилото се во притвор додека се очекува резултатот од истрагата за можно убиство од небрежност. Тинејџерот починал во болница од здобиените повреди.
Несреќниот инцидент се одиграл во средата во Еланкур во департменот Ивелин западно од француската престолнина, околу два месеца откако полицаец отвори оган и смртно застрела 17-годишник од северноафрикански потекло при сообраќајна контрола во париското предградие Нантер. Тој инцидент предизвика петдневни безредија и грабежи ширум Франција.
Владиниот портпарол Оливие Веран изјави дека истрагата којашто е во тек ќе ги утврди „точните околности“ на сударот во средата.
„Повикувам на смиреност…. Апелирам на воздржаност и внимателно разгледување… Без оглед на тоа колку ситуацијата е драматична, неопходни се одговори кои сѐ уште ги немаме“, изјави Веран за радиото France Inter.
Смртта на тинејџерот, чиешто потекло и националност не се објавени, се случи во периодот додека Франција се подготвува да биде домаќин на Светското првенство во рагби. Турнирот почнува во петокот кога Франција игра против Нов Зеланд на стадионот „Стад де Франс“ близу Париз.