Истрага за сексуалното злоставување во Католичката црква во Франција покажало дека околу 216.000 деца сексуално биле злоставени од свештенството од 1950 година навака, изјави во вторникот Жан-Марш Сове, претседател на комисијата која што го составувала извештајот.
Овие откритија во Франција се поседниот удар кон Католичката црква која има силно влијание меѓу конзервативното и десно ориентираното население во земајта, по низата случаи на сексуално злоставување, често и деца, во последните 20 години. Злоставувањето било системско, тврдеше Сове во текот на јавното онлајн претставување на извештајот.
„Црквата не само што не ги преземала потребните мерки за да го спречи злоставувањето, туку и ги затворала очите, пропуштајќи да го пријави злоставувањето, а понекогаш и свесно ставајќи ги децата во контакт со предаторите“, рече Сове.
Независната комисија ја формираше Француската бискупска конференција кон крајот на 2018 година, за да се расветлат случаите на злоставување и да ја врати довербата на јавноста во Католичката црква, која во Франција ги губи верниците.
Сове рече дека проблемот сѐ уште постои, и додаде дека Католичката црква до 2000-та година покажувала целосна индиферентност кон жртвите, како и дека вистински почнала да го менува својот став во периодот 2015/2016 година. Самата Комисија, додаде Сове, идентификувала 2.700 жртви, но според обемното дополнително истражување се проценува дека имало околу 216.000 жртви. Но, бројката би можела да се искачи дури и до 330.000.
„Вие сте срамота за човештвото. Во овој пекол имало одвратни масовни злосторства, меѓутоа, уште повеќе, имало предавство на довербата, предавство на моралот, предавство на децата“, рече Франсоа Дево, основач на здружението на жртвите „La Parole Liberee“ обвинувајќи ја Црквата за кукавичлук.
Комисијата се состои од 22 членови, меѓу кои биле правници, лекари, историчари, социолози и теолози. Претходно седмицава Сове рече дека комисијата открила во текот на истрагата меѓу 2.900 и 3.200 педофили свештеници и други припадници на црквата, сметајќи од 1950 година.