Таканаречениот „Француски предлог“, односно предлогот на штотуку завршеното француско претседателство со Советот на ЕУ за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската унија, нема да се најде на усвојување на денешната владина седница, потврдиле за Слободен печат извори од Владата, иако во понеделникот беше најавена таквата можност.
Собранискиот спикер Талат Џафери во понеделникот за телевизијата ТВ24 изјави дека до крајот на седмицава се очекува собраниска седница за францускиот предлог.
Помалите владини партнери ЛДП, ДОМ и ДС побараа прво да се објават и преведат на македонски јазик францускиот предлог и билатералниот протокол и да се даде време Собранието да расправа за документите, а заклучоците да се донесат со консензус.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од протестот пред Владата во понеделникот вечерта најави дека има нов предлог: да се формира парламентарна работна група којашто ќе ги разгледува сите точки од францускиот предлог.
Претходно работна група во Собранието најави и претседателот на ДС Павле Трајанов. Според Трајанов, во работната група би партиципирале по двајца пратеници од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ и по еден пратеник од ДУИ и од помалите партии. Работната група би требало да работи на усогласување на заклучоците кои Собранието треба да ги донесе за францускиот предлог.