Во понеделникот доцна вечерта околу 60.000 француски навивачи на плоштадот Конкорд во Париз ја пречекаа фудбалската репрезентација која од Светското првенство во Катар не успеа да ја одбрани титулата освоена пред четири години во Русија.
Иако челниците на Француската фудбалска федерација (FFF) во понеделникот најавија дека нема да има формален дочек и дека репрезентативците сакале веднаш да заминат во своите домови, сепак тоа се случи и покрај болниот пораз во финалето од Аргентина, по изведувањето пенали.
Мноштво француски навивачи се собраа да ги поздрават фудбалерите кои беа шампиони и вицешампиони на последните две светски првенства, а голем делириум настана кога селекторот Дидие Дешан и играчите се појавија на балконот од хотелот „Crillon“.
Истовемено беа развеани бројни француски знамиња, се скандираа за репрезентативците и поединечните играчи, а откако фудбалерите излегоа на балконот имаше и огномет и заднина исполнета со чадни бомби.
„Имавме бројни проблеми пред турнирот и за време на првенството, но и покрај тоа останавме обединети и вистински тим. Верувам дека нашите навивачи го препознаа тоа. Поразот во финалето сѐ уште боли, но затоа дојдовме овде, со нашите навивачи, за утеха“, изјави францускиот голман Иго Љорис по враќањето во татковината.