Француските гласачи се сомневаат дека Макрон и Лепен имаат одговори за невработеноста и безбедноста

Една седмица пред решавачкиот втор круг од француските претседателски избори, голем дел од избирачите се сомневаат дека двајцата кандидата можат даги решат проблемите на хроничната невработеност или безбедноста, покажа анкетата објавена во неделата.

Истражувањето на институтот Ifor покажува дека невработеноста и безбедноста се клучните прашања, додека центристичкиот кандидат, поранешниот министер за економија во социјалистичката влада Емануел Макрон и Марин Лепен од крајната десница влегуваат во последната седмица од кампањата, во којашто ќе доминираат економијата и границите.

Анкетите предвидуваат дека Макрон ќе победи на 7 мај со 59 до 60 отсто од гласовите, имајќи предвид дека сите кандидати и големите партии ги повикаа своите поддржувачи да гласаат против Националниот фронт на Лепен.

Меѓутоа, во подем е Лепен чијашто популарност последната седмица пораснала за 5 отсто. Покрај тоа, таа викендов склучи коалициски договор со челникот на движењето Исправи се Франција, Николја Дупон-Ењан, кој во првиот круг се пласираше на шестото место од единаесетте кандидати, освојувајќи 4,80 отсто од гласовите.

Според анкетата на Ifop, 45 отсто од гласачите веруваат дека ниеден од кандидатите нема да го реши проблемот со невработеноста, којашто веќе со години во Франција изнесува околу 10 отсто. Додека 36 отсто сметаат дека ниту Макрон, ниту Лепен не се во состојба да ја заштитат земјата од терористичките напади, покажува анетата.