Француските училишта ги вратија дома девојчињата во муслиманска облека

Француските училишта вратија во понеделникот на првиот училишен ден дома десетиците девојчиња кои не сакаа да ги симнат традиционалните муслимански наметки абаи, објави во вторникот министерот за образование Габриел Атал.

Пркосејќи ѝ на забраната за носење муслиманска облека, речиси 300 девојчиња се појавиле во понеделникот во француските училишта во абаја. Повеќето се согласиле да се преслечат, но 67 одбиле и вратени се дома, рече Атал за телевизискиот канал BFMTV.

Француската влада кон крајот на август го забрани во училиштата носењето на абаја, широка долга наметка којашто ја носат некои од муслиманските жени, објаснувајќи дека таквата облека ги крши правилата за секуларност во образовниот систем, кои исто така забрануваат и истакнување и на христијански и еврејски верски симболи. Франција од истите причини пред повеќе години веќе ги забрани и муслиманските шамии.

Со законот од март 2004 година забрането е „носење облека со којашто учениците ја покажуваат религиската припадност“ во училиштата, вклучително и христијанските крстови, еврејските капички и исламските шамии. Абајата тогаш остана „сива зона“ и досега не беше забранета.

Франција, којашто изминатите децении наметна строга забрана на верските обележја во државните училишта откако законите од XIX век го отстранија секое траиционално католичко влијание во јавното образование, се соочи со неопходноста од носење нови прописи поради растечката муслиманска заедница. Во 2004 година го забрани носењето шамии и донесе забрана за прекривање на лицето со зар во јавноста во 2010 година, што разгневи дел од најмалку петмилионската муслиманска заедница.

Одбраната на секуларизмот на француската држава е барање коешто доаѓа од севкупниот политички спектар, од левичарите кои ги поддржуваат либералните вредности на просветителството до гласачите од крајната десница кои бараат поддршка против растечкото влијание на исламот во француското општество.

Последната одлука, сепак, наиде на поздрав од политичката десница, меѓутоа сега левицата тврди дека станува збор за кршење на граѓанските слободи.

Министерот за образование Атал рече дека девојчињата кои биле вратени дома добиле писма за нивните родители во кои се наведува дека „секуларизмот не е присила, туку слобода“.. Доколку на училиште повторно дојдат во абаја, ќе се води „нов дијалог“, додаде министерот.

Претседателот Емануел Макрон рече во понеделникот во врска со тоа дека „малцинството“ во Франција „ја грабнува религијата и ги предизвикува Републиката и секуларизмот“, што според него доведува до „најстрашните последици“ како што беше убиството пред три години на наставникот Самуел Пати кој на часови во дискусија за религиските слободи покажал карикатура на пророкот Мухамед. Неколку дена потоа негов ученик го обезглави пред средното училиште во предградието на Париз.

„Не можеме да се однесуваат дека терористичкиот напад, убиството на Самуел Пати, не се случи“, рече Макрон во интервјуто за HugoDecrypte каналот на YouTube.

Мислиманските здруженија поднесоа тужба пред Државниот совет, највисокиот суд во земјата за поплаки против одлуките на државните власти, барајќи да се укине забраната за муслиманите и муслиманките преку облеката да ги носат традиционалните наметки и на јавни простори.