Французин фатен со три килограми марихуана

Французин бил фатен со три килограми марихуана, вчера на скопскиот аеродром, информираше Царинската управа.

Вчера околу 17 часот за излез од државата се пријавил француски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Париз. При детален преглед на неговиот багаж, еден куфер и една црна торба, во куферот биле пронајдени 30 штеки цигари, а во торбата 19 штеки цигари и 3 пакувања наполнети со непозната материја од растително потекло. По преземање на случајот од страна на инспекторите од Одделението за истраги при Царинската управа, а по наредба на јавен обвинител, непознатата растителна материја веднаш беше доставена на вештачење со кое се утврди дека станува збор за марихуана, велат од Царината.

Царината до надлежното Основно јавно обвинителство, поднесе кривична пријава против осомничениот поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори.