Доминик Пелико, Французинот обвинет дека ја дрогирал сопругата и врбувал десетици туѓинци за да ја силуваат во текот на цела деценија, во вторникот ги призна обвинувањата по кривичната пријава со која се соочува и го молеше семејството за прошка, пренесоа француските медиуми.
Доминик Пелико требаше да сведочи минатата седмица за случајот што ја шокираше Франција, но неговото доаѓање беше одложено поради здравствени проблеми. На судот денеска се појави со бастун.
„Ги признавам обвиненијата во целост. Јас сум силувач како и сите други во оваа соба (…) Ги молам мојата сопруга, децата, внуците да ги прифатат моите извинувања. Се каам за тоа што го направив. Барам прошка, дури и ако тоа беше непростливо”“, изјавил 71-годишниот Доминик Пелико, објави телевизскиот канал BFMTV, чиј репортер бил присутен во судницата.
Французинот се соочува со обвиненија кои вклучуваат силување, групно силување и разни прекршувања на приватноста преку фотографирање и споделување сексуални фотографии.
Тој во судницата рече дека имал тешко растење и дека и самиот бил жртва на силување. На моменти дури и плачеше, пишуваат француските медиуми.
Во судницата била неговата поранешна сопруга, 72-годишната Жизел Пелико. „Тешко е да се слушне од устата на г-дин Пелико она што тој штотуку го кажа“, изјави Жизел Пелико, пренесуваат француските медиуми.
Обвинителите изјавија дека Доминик Пелико нудел секс со својата сопруга на веб-страницата и ги снимал силувањето. Покрај него, на 50 други мажи им се суди обвинети за силување во јужниот град Авињон.
Некои обвинети рекоа дека веруваат дека Жизел Пелико се преправала дека спие, а дека всушност се согласила на секс. Доколку бидат прогласени за виновни, им се заканува затворска казна до 20 години.
Жизел Пелико инсистираше судењето да биде јавно за да го разоткрие него и другите мажи обвинети за силување и да се расветли сексуалното насилство, рекоа нејзините адвокати.
За многумина Жизел Пелико стана симбол на борбата против сексуалното насилство во Франција. Стотици луѓе, главно жени, се собраа во градовите низ земјата во саботата за да ја покажат својата поддршка.