Французинот Ожие светски првак во рели

Sebastien Ogier of France drives his TOYOTA Yaris WRC during Day 2 of the World Rally Championship ACI Rally Monza in Monza, Italy, December, 05 2020 EPA-EFE/Reporter Images

Францускиот возач Себастијан Ожие кој возеше за „Тојота Јарис“ ја освои титулата светски првак во рели, откако победи на трката во Монца во италијанските Алпи, последното натпреварување сезонава.

Ожие до 49-та победа во кариерата дојде на патеките прекриени со снег над Монца пред актуелниот првак Естонецот Ото Тјанак, од кого беше побрз за 14 секунди, и Шпанецот Дани Сордо за 15 секунди. На Французинот притоа му помогна и инцидентот на дотогаш водечкиот во генералниот пласман, Велшанецот Елфин Еванс, кој во саботата излета од патеката и ги загуби шансите за титулата.

За 36-годишниот Ожие ова е седмата шампионска титула во кариерата, а првите четири ги освои со „Фолксваген Поло“ и две со „Форд Фиеста“. Со тоа му се придружи на Финецот Јуха Канкунен, кој возеше „Пежо“ „Ланчија“ и „Тојота“, до денеска единствениот кој славел со три различни произведувачи на автомобили.

Според вкупниот број титули, пак, Французинот е на второт место во историјата, само зад сонародникот Себастијан Лоеб кој девет пати триумфирал на крајот од сезоната. Ожие се натпреварува во првенството WRC од 2008 година, и досега настапил на 156 релија на кои победил 49 пати, со што исто така е втор за Лоеб кој има 78 триумфи.

Во конечниот поредок во сезоната којашто поради пандемијата на коронавирусот беше значително скусена со само седум трки, Ожие собра вкупно 122 бодови, Еванс е втор со 114 а Тјанак е трет со 105 бодови. Меѓу конструкторите славеше „Хундаи“ со само пет бодови повеќе од „Тојота“.

Сезоната 2021-ва ќе започне со Релито Монте Карло веќе на 21-ви јануари.