Француската влада го претстави националниот план за штедење на енергијата во текот на претстојната зима за да спречи недостиг, најавувајќи им на граѓаните секојдневни прогнози за снабдување со електричната енергија, но и затворање на топлата вода на далечина.
Францускиот план вклучува мерки какви што воведоа и другите земји од Европската унија, како што е штедењето на јавното осветлување, затоплување на пониски температури и намалување на потрошувачката на топла вода, особено во државните институции.
Меѓутоа, властите на главниот град Париз воведоа и една новина за граѓаните да ги привлече да ја намалат потрошувачката на струјата, со прогноза за снабдувањето со струја.
Така, граѓаните секој ден по временската прогноза и меѓу телевизиските емисии, би требало да добиваат информации за оптоварувањето на електричната мрежа, проследена со зелен, жолт и црвен симбол, кои ќе покажуваат колку струја е достапна, пишува весникот Le Parisien.
Зелениот симбол ќе порачува дека потрошувачката на електричната енергија е во рамнотежа, а жолтиот ќе искажува притисок врз снабдувањето. Црвениот, пак, ќе предупредува на можен прекин во снабдувањето и на граѓаните ќе им порачува да ја намалат потрошувачката меѓу 8 и 12 часот и од 18 до 20 часот во денот, на пример, машината за перење облека и рерната да ги користат во друг период од денот.
Мерките за штедење не вклучуваат и исклучување на телевизорот, а француската влада се надева дека ваквите прогнози ќе допрат до 80 отсто од граѓаните.
Меѓутоа, јавноста во Франција ја запрепасти можната директна интервенција во потрошувачката на топлата вода. Операторот RTE има можност за далечинско затворање на топлата вода во периодот од 12 до 14 часот, што може да го почувствуваат околу 4,3 милиони домаќинства. Потрошувачката на топлата вода ќе се ограничува со умреженото броило за струја „Linky“.
Во Париз се подготвуваат за недостиг од струја, имајќи предвид дека повеќе од половината од вкупно 56 нуклеарни реактори се вон функција поради одржувањето. Франција, инаку, значителен дел од струјата ја произведува токму во нуклеарните централи. Во моментов не се знае дали нуклеарките повторно ќе проработат до зимата, како што владата бараше.
Проблемите со нуклеарната енергија се појавија во најнепријатниот момент, имајќи ја предвид намалената достапност на природниот гас поред западните санкции против Русија. Франција поради енергетската криза повторни ја стави во функција термоцентралата на јаглен во Сен-Авол.