Французите гласаат на вториот круг од парламентарните избори

Околу 47 милиони Французи во неделата ќе можат да гласаат на вториот круг од парламентарните избори на коишто се очекува партијата на новиот шеф на државата Емануел Макрон, Републиката напред (во движење) REM да обезбеди уверливо мнозинство.

Според последните резултати од испитувањето на јавното мнение на агенцијата Opinionway, коалициските партнери и REM треба да освојат меѓу 440 и 470 од вкупно 577 мандати во Националното собрание, долниот дом на францускиот парламент. Според овие резултати, се потврдува констатацијата дека центристите целосно ги потиснала главните политички партии кои со години владееја на политичката сцена во Франција.

Резултатите од споменатата анкета покажуваат дека конзервативната партија Републиканци и нејзините сојузници ќе бидат главната опозициска група во парламентот со освоени меѓу 79 и 90 мандати, додека Социјалистичката партија којашто до мај беше на власт со над 280 пратеници, ќе освои сега само меѓу 20 и 30 мандати.

Партијата на крајната десница Национален фронт ( FN), според прогнозите ќе освои меѓу еден и пет мандати, додека крајната левица Непокорна Франција (LFI), ќе освои меѓу 5 и 15 места во парламентот.

Макрон се надева дека кандидатите на REM, од кои половината никогаш не биле на државна должност, ќе освојат пратенички места, додека аналитичарите предупредуваат дека неискуството на центистичките пратеници би можело да го направи парламентот послушен на владата на претседателот на државата.

„Кога имате огромно парламентарно мнозинство и пратеници без искуство, извршната власт е извонредно моќна“, вели политичкиот аналитичар Жером Сен-Мари, кој воедно е и директор на PollingVox.

Макрон во текот на изборната кампања вети ревидирање на законот за труд в и усвојување нов закон против тероризмот, кој би требало да ја замени вонредната состојба којашто трае во Франција трае од средината на ноември 2015 година, по серијата терористички напади во кои се убиени 239 луѓе.